Јавете се веднаш на +389 2 307 60 61

Како до полесна комуникација со лицата со оштетен слух кога е задолжително носењето маски

Заедницата на лица со оштетување на слухот секојдневно се соочува со предизвици во комуникацијата и меѓусебното разбирање дури и во нормални услови.

Во време кога Светската здравствена организација посочува дека носењето заштитни маски кои ја покриват устата и носот, како и одржувањето на поголема дистанца го намалуваат ризикот од ширење на Ковид-19, предизвиците за лицата со оштетување на слухот во секојдневната комуникација стануваат уште поголеми. Бидејќи, можноста да го читаат изговорот од усните на говорителот, непречено да ги гледаат гестовите на лицето при разговорот, како и растојанието на кое се наоѓа соговорникот, се основните нешта на кои се потпираат лицата со оштетување на слухот за полесно да ја следат секојдневната комуникација.

Носењето на маски со проѕирни отвори за устата се покажува како невозможно и неодржливо во време кога има и недостиг на овие заштитни материјали. Недостига и свест за потребата од носењето на вакви маски, како и значењето што го има непречениот поглед кон устата и лицето за лицата со оштетен слух.

Во услови кога приоритет за сите е да го заштитиме своето и здравјето на другите, комуникацијата со лицата со оштетување на слухот можеме да ја олесниме на неколку начини, почитувајќи ги сите препораки за заштита.

Совети за јавноста:

  • Користете визуелни сигнали за да го привлечете вниманието на лице со оштетување на слухот. Кога носите маска и го одржувате потребното растојание, лицето може и воопшто да не знае дека му се обраќате. Едноставно мавтање или знак со раката може да помогне во тоа.
  • Обидете се да зборувате малку погласно. Не треба да викате, но да зборувате малку погласно од нормално.
  • Гестикулирајте колку што е можно повеќе во дадената ситуација. Не мора да научите знаковен јазик, но обични гестови при зборувањето можат да бидат корисни за подобро разбирање.
  • Запишете го тоа што треба да го кажете на лист.
  • Прашајте го лицето со кое разговарате кој начин на комуникација е полесен за него.
  • Бидете трпеливи.

Совети за лицата со оштетување на слухот:

  • Не се плашете да кажете дека имате оштетување на слухот. Сосема е во ред да побарате да ви повторат што кажале или да ви разјаснат нешто.
  • Кажете што точно е потребно за да разберете подобро. На работа или дома, посочете кој систем на комуникација ви одговара повеќе: комуникација преку електронска пошта, пораки, наместо повици и зборување во живо и слично.
  • Користете гестикулации за да посочите дека не можете да слушнете.
  • Бидете трпеливи со себеси.

Во време на несигурност и на општа фрустрација, од исклучиво значење се емпатијата, трпението и прифаќањето. Дури и овие ситни работи можат да помогнат да си покажеме поголема грижа еден на друг и да си го олесниме секојдневието барем за малку, дури и зад маска и на растојание од два метра.

 

Copyright © 2016 Sluh 1 . All rights reserved.   developed by infinitysolutions