Јавете се веднаш на +389 2 307 60 61

Сериозноста на тинитусот прикажана во филмот „Ѕвездата е родена“

ВНИМАНИЕ:  ТЕКСТОТ СОДРЖИ ИНФОРМАЦИИ КОИ ЈА ОТКРИВААТ СОДРЖИНАТА НА ФИЛМОT A STAR IS BORN („ЅВЕЗДАТА Е РОДЕНА“) ВО РЕЖИЈА НА БРЕДЛИ КУПЕР.

Во новиот филм A Star Is Born („Ѕвездата е родена“), Џексон Мејн (Бредли Купер) е познат музичар кој секоја вечер изведува многу гласни рокенрол концерти за да ја распродаде арената. Поради изложеноста на преголема бучава, како и фактот дека тој е роден со оштетување на слухот, Мејн (Купер) слуша постојан тон на ѕвонење во главата, наречен тинитус, и честопати има проблеми во комуникацијата.

Менаџерот и отоларингологот на Мејн (Купер) го принудуваат да носи монитори во ушниот канал, индивидуални ушни влошки кои го блокираат звукот и им овозможуваат на музичарите да ги слушаат своите гласови и инструменти , а притоа ја намалуваат бучавата од публиката и звучниците, но тој одбива. Во текот на филмот, тинитусот се влошува и Мејн (Купер) не успева соодветно да се справи со таа состојба.

Проблемите со ушите и губењето на слухот се опасности со кои се соочуваат  музичарите, особено оние кои изведуваат во живо и се изложени на гласни звучници. Но, приказната на Мејн (Купер), иако е фикција, покажува колку влијателен може да биде тинитусот за некои поединци.

Тинитус е дефиниран како чувство и перцепција на звук во ушите и главата, без да постои реален звук во околината. Технички, тинитусот се создава со дополнителна електрична активност во мозокот откако има оштетувања во увото и аудитивниот систем. Оштетувањето може да настане од  сериозна повреда на главата и вратот, прекумерна ушна маст, синусен притисок или трауматска повреда на мозокот. Честопати, тинитусот е поврзан со оштетување на слухот предизвикан од бучава, поради што е честа појава кај музичарите.

За жал, не постои лек за тинитус, така што луѓето едноставно треба да се справуваат со симптомите. За да ја спречите оваа состојба од влошување, најдобро што може да направите е да го заштитите слухот со носење на заштита за уши. Доколку веќе имате и некакво оштетување на слухот, идеална е употребата на слушни помагала со кои целосно ќе се маскира тинитусот. Позната е и употребата на звучни уреди (маскери) како и мобилни апликации кои емитуваат соодветни звуци кои го маскираат тинитусот.

Многу луѓе со тинитус се соочуваат со депресија и анксиозност поради постојаното ѕвонење во ушите. Понекогаш, на овие особи им се препишуваат антидепресиви или лекови против анксиозност за да се ублажат некои од емоционалните ефекти на состојбата, но психијатриските лекови обично не се сметаат за најдобар прв избор на лекување бидејќи предизвикуваат зависност.

Во филмот A Star Is Born („Ѕвездата е родена“), на  музичарот Мејн (Купер) му се препишуваат апчиња за неговиот тинитус. Иако не е јасно кои апчиња , тој го злоупотребува лекот и станува зависник од него.

Крајот на филмот е трогателен потсетник за тоа колку губењето на слухот и тинитусот треба да се сфатат сериозно.

 

 

Преземено од: https://www.refinery29.com/en-us/2018/10/213071/tinnitus-ear-condition-jackson-a-star-is-born-bradley-cooper?fbclid=IwAR3An3Z9eBbYs2yqFW_BbEj-2kgPEIBSv0XaT0AUbEf6Ho915zAZFdYMTig

 

FaLang translation system by Faboba

Copyright © 2016 Sluh 1 . All rights reserved.   developed by infinitysolutions